Македонија
22. November 2017 - 18:24

Утре јавна расправа за предлог-стратегијата за култура во Охрид

Јавна расправа за нацрт-стратегијата за културен развој на Република Македонија за 2018-2022 година ќе се одржи утре во Охрид во рамки на расправите по прашањето што граѓанското здружение „Јадро“ и Министерството за култура го организираат во неколку градови во земјата.

Целта на дебатите што се реализираат со поддршка од Фондацијата „Отворено општество - Македонија“, граѓанскиот сектор и локалната самоуправа е децентрализација на расправата за стратегијата во културата за наредниот петгодишен период, со вклученост на сите чинители, од независната сцена и од институциите.

На дебатите учествуваат претставници од партнерската организација „Јадро“, локалната самоуправа и националните установи на културата, локалните партнери и граѓанскиот сектор, претставници на Работната група за стратегијата и на Советот за култура, како и независни уметници и културни работници.

Министерството за култура, дебатите низ градовите за нацрт-стратегијата, освен со „Јадро“, ги спроведува и со граѓанското здружение „Култ-Транзен“, поддржано со Проектот за граѓанско учество на УСАИД.

Интензивната јавна расправа со сите засегнати страни ќе се одвива до конечното усвојување на стратегијата предвидено за крајот од оваа година.