Свет
1. July 2016 - 13:05

Уставниот суд на Австрија ги поништи претседателските избори

Уставниот суд на Австрија денеска го поништи вториот круг од изборите за австриски претседател, што се одржа на 22 мај, поради нерегуларности, јави Би-Би-Си. 

Претседателот на Уставниот суд, Герхард Холцингер изјави дека вториот круг од изборите се поништува на територијата на целата земја, додавајќи дека деталите за причините за ваквата одлука ќе бидат дополнително образложени.

Холцингер нагласи дека датумот на кој повторно ќе се соочат двајцата претседателски кандидати, независниот екологист Александер Ван дер Белен и Норберт Хофер од екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија, ќе биде утврден дополнително.

Одлуката за поништување на изборите е донесена врз основа на тужбата на Слободарската партија на Австрија, чиј кандидат Хофер загуби со тесно мнозинство на гласањето на 22 мај.

Според Би-Би-Си, се очекува новото гласање да се одржи во септември или октомври.

Доколу победи на повторените избори, Хофер ќе стане првиот екстремен десничар избран за претседател на една земја членка на ЕУ.