Македонија
25. May 2016 - 16:53

Уставниот суд и официјално ја поништи одлуката за распуштање на собранието

Уставниот суд го поништи актот за распуштање на Собранието како тој воопшто да не бил донесен. На денешната седница уставните судии едногласно одлучија да ги укинат двете одлуки на законодавниот дом од јануари и фервуари годинава, откако минатата недела изразија сомнеж за нивната уставност. Од судот велат дека главен аргумент за ваквата одлука е одложеното дејство на актот. Уставните судии оцениле дека Собранието не може да донесе одлука за распуштање со одложено дејство, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Македонија. Денешната одлука е конечна и таа стапува на сила по објавувањето во Службен весник, што според најавите ќе биде за два дена.  

На минатата седницата судиите ја прифатија иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, која според нив содржи различни елементи од иницијативата на Павле Трајанов и Тодор Пертов, која беше отфрлена пред три месеци. Уставните судии донесоа времена одлука за запирање на сите изборни дејствија и покрај тврдењето на претседателката Елена Гошева дека Уставен не е надлежен да расправа за поединечни акти. Таа порача дека ќе дозволи преседан во работењето на судот бидејќи се работи за државен интерес, а работата на голем број државни органи е блокирана. Одлуката на Уставен, веднаш го свика и Собранието. Уште истиот ден, пратениците едногласно ги изгласаа измените на Изборниот законик, со што беа одложени изборите закажани за 5 јуни.