Македонија
18. May 2016 - 12:11

Уставен суд ги запре сите изборни дејства

Уставниот суд на денешната седница едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Одлуката на Судот ќе биде објавена денеска во Службен весник,  по што и формално стапува во сила.

Од Судот велат дека ова значи оти актите и дејствијата што произлегуваат од овие одлуки треба да се запрат.

Судијата известител Исмаил Дарлишта на седницата истакна дека Судот веќе еднаш разгледувал една од одлуките кои се оспоруваат во иницијативата, но посочи дека ново во иницијативата е тоа дека се менува датумот на Одлуката за распуштање на Собранието која ја носи Собранието кое веќе било распуштено со претходната одлука. Уставниот суд не побарал одговор од Собранието на РМ, бидејќи тоа веќе било распуштено.

Сметам, рече Дарлишта дека оспорената одлука е противуставна бидејќи со неа се доведуваат во прашање владеењето на правото и правната сигурност и предложи Уставниот суд да поведе постапка.

Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева рече дека денеска ќе направи преседан и ќе гласа за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одлуки. Таа притоа се повика на Одлука што ја донел Уставниот суд во 2001 година кога го укинал Законот за ратификација на билатерален договор меѓу Македонија и Грција за изградба и управување со нафтовод. Судот, како што додаде, иако прво се прогласил за ненадлежен да постапува, сепак потоа одлучувал поради тоа што со договорот се нанесувала голема штета на државата.

Судот следната недела треба да донесе конечна - мериторна одлука за иницијативата за распуштање на Парламентот.

Иницијативата ја поднесе пратеникот на ДУИ Талат Џафери, за која од Уставниот суд посочуваат дека има целосно нови елементи и оти за овој предмет има нова анализа.

Уставните судии во февруари годинава веќе расправаа и ја отфрлија Иницијативата на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, за одложеното распуштање на Собранието.

Гошева пред почетокот на расправата по иницијативата од Талат Џафери, рече дека е атакуван влезот на Уставниот суд на Република Македонија, што според неа покажува дека некој посакува Судот да престане да работи, да не се одржуваат седници и да владее хаос.

- Овој суд во историјата на своето работење нема никогаш доживеано во толкава мера и обем директни притисоци од одредена група на граѓани, што е недозволиво во една демократска држава, рече Гошева.

Таа порача дека  Уставниот суд ќе продолжи да работи и оти нема да се оствари целта на притисоците, кои се надвор од оснесувањето во едно демократско општество во кое секој протест треба да биде без агресија.