Македонија
16. јуни 2016 - 15:56

Успешно презентирана обученоста на АРМ на вежбата „Анаконда-2016“

Припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) успешно ја презентираа висока обученост и подготвеност за изведување на сложени борбени задачи, кои се изведуваа во склоп на Денот за Високи Гости на вежбата „Анаконда-2016“ во Полска, соопшти ГШ на АРМ.

Со денешните вежбовни активности единиците на АРМ практично го завршија учеството во вежбовните активности на оваа најголема воена вежба организирана во Европа од 1980 година наваму, со учество на 31.000 припадници на Армии од 24 земји од НАТО и Партнерство за мир (ПЗМ).

анаконда

-  Во изминатите десет дена единиците од Армијата на Република Македонија кои учествуваа на „Анаконда“ здружено со припадниците од другите партнерски армии изведуваа комплексни ситуациони вежби на повеќе нивоа согласно зададеното сценарио, при што ја презентираа компатибилноста со процедурите и стандардите кои ги користат НАТО партнерските армии, се наведува во соопштението.

Контингентот на АРМ е составен од 157 свои припадници од состав на третиот механизиран пешадиски баталјон во јачина на една чета, еден вод од баталјонот на воената полиција, припадници од полкот за специјални операции и штабен персонал.

анаконда

Во текот на утрешниот ден со свечена церемонија во Универзитетот на национална одбрана во Варшава и официјално ќе се прогласи вежбата за затворена. Денешните активности на Денот за високи гости ги проследија и министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски и делегација од АРМ предводена од генерал мајор Васко Ѓурчиновски, а ќе присуствуваат и на утрешната свечена церемонија во Варшава.

Министерот Јолевски истакна дека со учеството на оваа активност АРМ и Република Македонија уште еднаш се докажаа како партнер на НАТО и САД во глобалните процеси за поддршка на мирот.

По завршувањето, Министерот Јолевски доби пофални зборови од останатите присутни високи гости за подготвеноста и обученоста на македонските припадници и за начинот на координација и соработка со припадниците на другите земји учеснички на оваа мултинационална вежба.