Македонија
20. April 2016 - 16:20

Услови на Заев за преговори во Виена - Поништување на аболицијата и одложување на изборите

Повлекување на помилувањата и одлуката за избори на 5 јуни - два услови за СДСМ да учествува на лидерскиот состанок во Виена на иницијатива на европратениците Ховит, Вајгл и Кукан и еврокомесарот Хан. Покрај тврдењето на Заев дека во земјава сеуште не се исполнети условите за фер избори, сепак за својот став за состанокот во Виена тој европратениците ги извести преку прес-конференција.  

Според претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, свикување седница на веќе распуштено Собрание претставува грубо кршење на Уставот на Македонија.

Било какво свикување на седница на која би присуствувале пратеници кои самите веќе донеле одлука за свое распуштање е во целосна спротивност со Уставот како највисок правен акт во државата. Во оваа смисла, сакам да и’ укажам на македонската јавност дека највисоката институција за оценка на уставноста - Уставниот суд уште пред една деценија има расправано и одлучувано во врска со споменатото прашање при што, крајно логично заклучува дека, цитирам: „со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста“, се вели во реакцијата на спикерот Вељаноски.

Според ВМРО-ДПМНЕ одлуката на Заев е неодговорна и деструктивна. Оценија дека тоа само ја докажува неговата намера за продлабочување на кризата, но и стравот од соочување со граѓаните на избори.

На одлуката на Заев реагираше и ГРОМ. Стевче Јакимовски смета дека условите за избори на 5 јуни се исполнети. Ги повика лидерите на останатите политички партии да престанат да ги прифаќаат условите на Заев кои не се во интерес ниту на Македонија, ниту на нејзините граѓани.

И лидерот на ДУИ Али Ахмети во вчерашното интервју за ТВ21, го потврди своето присуство на состанокот во Виена, потенцирајќи дека е неопходно да се потврди договорот од Пржино, кој не е мртов.  

Дека СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев имаат се помала доверба кај граѓаните, во изминатиот период покажаа и сите релевантни агенции, според кои поддршката за ВМРО-ДПМНЕ е во континуиран пораст.