Бизнис
15. August 2016 - 19:44

Уште само две недели за осигурување на посевите и добитокот со 60% субвенција од државата

Уште две недели имаат земјоделците да аплицираат за субвенциите за осигурување од штети на посевите и добитокот. Од платежната агенција апелираат да побрзаат и да ги поднесат барањата. Тие треба да платат само 40 отсто од трошоците за полиса на осигурителната компанија што сами ќе ја изберат, додека остатокот од 60 % ќе го покрие државата. Годинава за првпат ќе бидат субвенционирани и сточарите, а укинати се и ограничувањата во поглед на површините. Ќе можат да аплицираат и поголемите производители.

Од Агенцијата информираат дека ланската година биле поднесени над 3800 барања. Бројката е поголема за разлика од претходните години ,но сепак незадоволителна. Оваа година очекуваат поголем број на апликации со оглед на тоа дека мерката е проширена.

Земјоделците најмногу ги осигуруваат лозовите и овошните насади, а помалку добитокот и градинарските култури.