Македонија
3. August 2015 - 11:45

Уште еден инцидент со заталкан куршум во Гостивар, нема повредени

Заталкан проектил од огнено оружје синоќа вознемирил брачен пар, кои одморале во дворот на семејната куќа на улицата „Балиндолска“ во Гостивар. Зрно од куршум прво удрило во покривот, а потоа паднало во непосредна близина на столчето до кое седала домаќинката.

Според СВР Тетово, настанот се случил синоќа околу 23 часот кога Ј.С. (53) со неговата сопруга седеле во дворот. Тој слушнал продорен звук, а набрзо потоа и удар во ќерамидите од покривот. Пред нозете на сопругата забележал метално парче за кое се посомневал дека е зрно од куршум и пријавил во полиција. По извршениот увид, утврдено е дека станува збор за заталкан куршум, кој наверојатно е испукан на некоја од семејните веселби кои деновиве зачестено се организраат во Гостивар и околината.

Ова е втор случај на пријавено оштетување од заталкан куршум за последниве десетина дена. Во друг случај, неодамна едно десетгодишно дете од населбата Фазанерија го загуби животот во сличен инцидент.