Свет
19. September 2017 - 8:37

Ураганот Марија достигна петта категорија и е исклучително опасен

Ураганот Марија во текот на ноќта стана исклучително опасен и достигна јачина од петта категорија, предупреди американскиот Национален центар за урагани.

Брзината на ветровите изнесува 260 километри на час.

Во текот на ноќта ураганот преминал преку карипскиот остров Доминика и се заканува директно да го погоди Порторико.

Засега нема информации што се случува на островот Доминика, на кој живеат околу 72.000 жители, но премиерот Рузвелт Скерит напишал на социјалната мрежа Фејсбук: „Ве молиме кажате му на светот дека Доминика е уништена“. Тој истакнал и дека очекува голем број жртви.

На Порторико веќе се подготвени 450 засолништа, за најмалку 68.000 лица. Училиштата се затворени, а вработените во државните институции работат со скратено работно време.

Марија се движи кон Девствените Острови и Доминиканската Република, кои се очекува да бидат погодени утре или в четврток.

Ураганот Марија се движи речиси по истиот пат каде што на почетокот на месецов веќе помина ураганот Ирма и го разори регионот.