Македонија
20. May 2016 - 13:21

Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на културната разновидност

Студентите од странство од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид со пригодна манифестација утре по четврти пат ќе го одбележат Светскиот ден на културна разновидност.

Во рамки на свеченоста предвидена за напладне на Градскиот плоштад во Охрид студентите ќе ги презентираат културните специфики на државите од кои доаѓаат.

Програмата вклучува претставување на десетина земји од Азија, Африка и Европа, преку претставување на национални носии, специјалитети од нивните национални кујни и изведување на традиционални песни и танци. Присутните ќе имаат можност да ги вкусат националните јадења и да се фотографираат со студентите облечени во нивните традиционални национални носии.

Имајќи предвид дека на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ работат и студираат професори и студенти од 40-тина држави, тој претставува уникатна високообразовна установа со истакнат мултикултурен профил.