Македонија
20. February 2018 - 10:30

УНИЦЕФ почнува кампања „За секое дете, живот“

Фондот за деца при Обединетите Нации или УНИЦЕФ денеска во Њујорк и во целиот свет ја почнува кампањата „За секое дете, живот“ со цел смртноста на новороденчињата да стане минато. Владите, здравствените институции, донаторите, приватниот сектор, семејствата и фирмите се повикуваат да го одржат секое дете во живот, насекаде.

Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа, веднаш по Молдавија. 

- На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец - повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче. Во нашиов контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја - особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации, се вели во пишаната изјава на претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс. 

Според него, во Македонија има одлични здравствени работници, но треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат.

- Во изминативе неколку години, акцентот беше врз реновирање и опремување, но како и со училиштата или полицијата - она што навистина е важно е човечкиот капитал и системите кои му помагаат да се развива и да им служи на граѓаните најдобро што може нудејќи им грижа што ја заслужуваат. Потребен ни е систем во кој квалитетот и темелноста ќе се наградуваат, а негрижата ќе се повикува на одговорност, истакнува Перкс. 

Од УНИЦЕФ наведуваат дека во Македонија скоро секоја четврта жена пуши за време на бременоста, што го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување.

- Идните мајки треба да бидат подобро информирани за знаците и симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето. А најдобар начин ова да се направи е преку јакнење на мајките и семејствата да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита, смета Перкс. 

УНИЦЕФ ја поздравува неодамнешната определба на Министерството за здравство да изработи Акциски план за секое новороденче со цел да се решат овие недостатоци. УНИЦЕФ со сестринските агенции Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА) ќе ја поддржи Владата во исполнување на вроденото право на секое дете на живот.

Во новиот извештај за смртност кај новороденчињата УНИЦЕФ денеска информира дека стапката на смртност кај новороденчињата во светот и натаму е алармантно висока, особено меѓу најсиромашните земји во светот. Бебињата родени во Јапонија, Исланд и Сингапур имаат најдобри шанси за преживување, а новороденчињата во Пакистан, Централноафриканската Република и Авганистан се соочуваат со најлоши изгледи.