Свет
13. March 2017 - 8:25

УНИЦЕФ: Насилството врз децата во Сирија лани достигна рекордно ниво

Насилството врз децата во Сирија во текот на минатата година достигна рекордно ниво, предупреди денеска Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), цитиран од ДПА.

УНИЦЕФ соопшти дека во 2016 година, 652 малолетници биле убиени во оваа земја растрганата од конфликт, што е  највисока бројка во текот на последните три години, откако организацијата ја проверува оваа статистика.

Над 850 деца учествувале во борбени дејствија, што е двапати повеќе отколку во претходната 2015 година.

По шест години граѓанска војна, шест милиони сириски деца зависат од хуманитарната помош. Неколку милиони се внатрешно раселени, а 2,3 милиони се водат како бегалци во странство.

„Нивото на страдања на децата во Сирија е без преседан. Сите тие се принудени на живот со ужасни последици по нивното здравје, благосостојба и иднина“, предупреди УНИЦЕФ.