Балкан
25. March 2016 - 9:06

УНХЦР: Договорот меѓу ЕУ и Турција за мигрантите го крши меѓународното право

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Зеид Рад ел Хусеин изјави дека договорот ЕУ-Турција, според која голем број бегалци, кои преку Егејското Море влегле во Грција ќе бидат вратени во Турција, не е во согласност со меѓународното право. 

Ел Хусеин нагласи дека е можно да се раководи со бранот бегалци, кои во Европа пристигнуваат од земји, како што се Ирак, Сирија и Авганистан, доколку ЕУ ги следи сопствените закони и принципи. 

Високиот комесар на ОН за човекови права предупредува во соопштението на можноста од предизвикување на „длабоко проблематичен домино ефект“ во други делови на светот, доколку ЕУ почне да го заобиколува меѓународното право. 

Договорот ЕУ-Турција предвидува дека Унијата за секој мигрант, кој илегално од турска страна влегол во Грција и кој ќе биде вратен во Турција, ќе прифати доселување на еден бегалец од Турција, откако таму ќе се утврди дека има право на азил во ЕУ. 

Со договорот исто така е утврдено дека од 20 март сите нерегуларни мигранти од грчките острови ќе бидат враќани во Турција, врз основа на спогодбата за реадмисија, која Анкара ја има со Атина, како и со другите членки на ЕУ.