Свет
11. May 2016 - 11:43

Умерен земјотрес го погоди Тибет, можно е да има жртви

Земјотрес со интензитет од 5,5 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Тибет, а кинеските државни медиуми јавија дека веројатно има настрадани. 

Земјотресот се случил во 9:15 часот по локално време на 70 километри северозападно од тибетско населено место во близина на границата со провинцијата Џингхаи. 

Геофизичкиот институт на САД соопшти дека длабочината на епицентарот била само на десет километри. 

Локалната сеизмолошка служба соопшти дека епицентарот е во градот Ката, на околу 2.200 километри од Пекинг.

Градоначалникот на градот изјави дека видел двајца ранети, додека се обидувал да помогне во спасувачките дејности во селото Гуодун, кое се наоѓа на десет километри од Ката. Патиштата кон селото се разурнати, што ги отежнува спасувачките операции.

Регионот на Западна Кина во подножјето на Хималаите е активна земјотресна зона, а во земјотресот во 2010 година во соседната префектура Јошуи загинаа речиси три илјади лица.