Свет
24. November 2015 - 9:05

Украинските власти го блокираа товарниот сообраќај за Крим

Украинските власти воведоа трговска блокада кон полуостровот Крим, што во март минатата година беше анектиран од Русија.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук изјави дека владата во Киев „привремено го забранува товарниот сообраќај на админстративната граница меѓу Украина и Крим“.

Тој ја предупреди Москва дека Украина ќе возврати на секое (евентуално) ембарго, што би го вовела Русија за украинските производи.

Ваквата закана на властите во Киев, доаѓа откако Москва најави дека ќе „примени соодветни мерки“ по активирањето на договорот за слободна трговија меѓу Украина и ЕУ, предвидено за 1 јануари 2016 година.

Официјална Москва е гневна на ваквото решение на Киев, затоа што стравува дека договорот со ЕУ, ќе предизвика рускиот пазар да се „преплави“ со поевтини странски производи, што ќе им наштети на домашните прозводители.

Ова беше рускиот аргумент против „свртувањето“ на Украина кон ЕУ, пред избувнувањето на украинската криза и соборувањето на тогашниот претседател Виктор Јанукович, откако тој се спротивстави на договорот меѓу Киев и Брисел.

Блокадата на границата кон Крим, за товарен сообраќај доаѓа во време кога полуостровот и неговите два милиони жители, се повеќе од два дена без електрична енергија.

Прекинот на струјата се случи во неделата кога беа урнати со експлозив, четирите главни далекуводи кај украинскиот град Кершон.

Повеќе од 19 месеци по анексијата, Крим и понатаму 80 отсто од своите потреби за електична енергија користи од украинската територија.

Руските власти прекинувањето на струјата го означија како терористички акт, а за тоа ги обвинија припадниците на украинската десничарска, националистичка партија Десен Сектор и кримските Татари.

Русија забрзано поставува подморски кабли за поврзување на Крим со руската електродистрибуција, но за тоа ќе треба време. Целосното префрлање на Полуостровот кон снабдување од Русија е процес за кој се смета дека ќе бидат потребни неколку години.