Македонија
17. August 2017 - 14:41

Украдени санитарии во вредност од 3.000.000 денари од објект во изградба

Непознат сторител извршил тешка кражба во објект во изградба на ул. „Козара“ во Скопје, сопственост на фирмата „Манд интернационал“ ДООЕЛ од каде вчера во Полициската станица Центар ја пријавиле кражбата. Таа била извршена во периодот меѓу 16 часот на 11 август и 10.30 часот на 14 август.

Како што информира МВР во дневниот Билтен, сторителот со употреба на сила влегол во објектот и одзел шест комплети санитарија, плочки, мермерни плочки и алуминиумски профили, со што стекнал противправна имотна корист од околу 3.000.000 денари. Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случaјот.

Непознат сторител синоќа околу 21.20 часот во тетовското село Боговиње извршил кражба во куќа сопственост на Џ.И. (56) од каде одзел златен накит во вредност од околу 2.250.000 денари.

Додека снаата на Џ.И. била во бањата, сторителот влегол во куќата низ незаклучената влезна врата, извршил пребарување во три спални соби и од едната спална го одзел златниот накит. Веднаш потоа избегал во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Тетово.  

Четириесет и седумгодишната Л.С. од Австралија, пак, завчера вечерта околу 20.30 часот била ограбена од две непознати лица во Градски трговски центар. Кражбата ја пријавила вчера во 16 часот.

МВР информира дека сторителите ја искористиле нејзината невнимателност и и одзеле торба во која имало паричник со околу 3.000 австралиски долари и 8.000 денари, лаптоп, мобилен телефон и други лични предмети, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 272.000 денари.

Полицијата презема  мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.