Македонија
4. February 2017 - 12:24

Украдени 100 илјади евра од фабрика за мебел во Тетово

Жител на тетовска Голема Речица на возраст од 48 години вчера пријавил во тетовската полиција дека од канцеларијата на неговата фирма за производство на мебел биле одземени околу 100 илјади евра во разни апоени, информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според пријавата на сопственикот, тешката кражба најверојатно била извршена ноќта помеѓу недела (29.01) и понеделник (30.01) од засега непознат сторител или сторители при што на докрај неутврден начин тие ја отвориле вратата од канцеларијата од фабриката што се наоѓа на излезот од Тетово кон Гостивар и металниот сеф што бил внатре од каде ги одзеле парите и незабележани од никого го напуштиле местото.

По добиената пријава полицијата извршила комплетен увид, било разговорано со сопственикот и неколку други лица вработени во фирмата, а разговорите и со други лица ќе продолжат и денеска најави Јосифовски.

Тој посочи дека полицијата интезивно работи на расветлување на случајот и откривање на можните сторители, како и на утврдување на точниот начин како е влезено во канцеларијата и како е отворен сефот.