Македонија
1. November 2016 - 14:17

УЈП потврди: Кумановец заработил 1,26 милиони евра на Интернет и платил 126.000 евра данок

Kумановец лани од работа преку интернет заработил фантастични 1,26 милион евра и платил данок по основа на дополнителниот приход од 126.000 евра, пишува Дневник. Негов сограѓанин, пак, за 2014 година пријавил дополнителен приход од работа преку интернет од 103.000 евра и и платил 10.300 евра данок на државата. Овие двајца кумановци се рекордери по интернет-заработувачка за изминатите две години кои влегле во системот на Управата за јавни приходи. Kолку заработувале и избегале од системот ќе покаже времето или пријавата за неплатен данок кога ќе ги открие УЈП. Што работеле на интернет за толку да се опарат, не знае ни Управата, но не ја ни интересира бидејќи регуларно си платиле данок. „Дневник“ пишуваше дека регионот во последно време го зафати масовна треска на нови и нови страници што нудат заработка преку интернет. А веќе има и такви со целосно македонски превод на сите постапки за регистрација. Но, никој не испитал колку од овие понуди се реални, колку фиктивни, а колку пирамидални, односно ве намамуваат да вложите некој долар, може да заработувате на почетокот додека балонот не прсне и вложувачите изгорат. Искуствата се различни, барем по она што го коментираат Македонците на форумите. Има такви што тврдат дека заработуваат и дека секој месец им легнува исплата, но и такви што се категорични дека с` е лажн.

Откриени непријавени приходи од 860.000 евра
Oд „Дневник“ побарале од УЈП да откријат колкава е највисоката заработувачка преку интернет и дали вродиле со плод апелите до граѓаните да ги пријават приходите од ваквата заработувачка. 
- Специфични случаи на остварени високи приходи од интернет се регистрирани во Kуманово каде што граѓанин во годишната даночна пријава има пријавено остварени бруто-приходи од интернет во 2014 година во износ од 6.334.881 денар по основа на кои има платено персонален данок на доход во износ од 633.488 денари. Од поднесените годишни даночни пријави за остварени приходи во 2015 година исто така висока заработувачка преку интернет е регистрирана во Kуманово, односно остварен бруто-приход во износ од 77.700.397 денари врз основа на кој граѓанинот има уплатено персонален данок на доход во износ од 7.770.040 денари - информираат од УЈП.
Од таму се децидни дека приходите остварени по основа на повремено вршење услуги (договор на дело) остварени во земјата и во странство граѓаните имаат обврска да ги пријават во годишната даночна пријава, и тоа во категоријата повремено вршење услуги. Во таа категорија, освен приходите остварени преку интернет, се пријавуваат и приходи по друга основа од повремено или привремено вршење услуги остварени во земјата и странство. Од УЈП потенцираат дека поради тоа не може да се направи јасно разграничување на тоа колкави се овие приходи во вкупен износ и дека за тоа се потребни подетални анализи. 
- Граѓанинот што остварува приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет-страници; лични примања од странство; приходи остварени преку интернет (е-трговија; услуги извршени преку специјализирани страници, на пример, www.freelancer.com, www.upwork.com и др.; поставување реклами на сопствени интернет-страници; прогнози (дојави на типови за спортски натпревари) и други дополнителни приходи, надвор од редовната плата или пензија - има обврска да ги пријави во годишната даночна пријава. Во случаите кога граѓанинот нема да поднесе даночна пријава или нема да ги пријави сите приходи што се оданочуваат, законот предвидува глоба за сторен прекршок во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност - информираат од Управата. 
Само во 44 контроли лани и годинава УЈП утврдила непријавен данок од 86.687 евра, кој со пресметаната камата стигнал до 101.929 евра. Тоа практично значи дека 44 лица се обиделе да скријат приход од фантастични 860.000 евра.
- Во текот на 2015/2016 година, во спроведените 44 контроли кај физички лица, утврден е непријавен данок од приходи од електронска трговија во износ од 5.331.305 денари, камата од 937.351 денар или вкупно од 6.268.656 денари. Во тек се и други контроли по оваа основа - информираат од УЈП. 
Се заработува од трговија и интелектуални услуги<BR><BR>Од она што го анализирала и контролирала Управата, станува збор за разни типови заработка, најчесто преку електронска трговија, давање интелектуални или маркетинг-услуги.
- Во најголем дел заработката доаѓа од специјализирани интернет-страници за продажба на облека, накит, модни додатоци и слични производи, на кои граѓаните имаат сопствена интернет-продавница или во друг случај имаат сопствени интернет-страници преку кои се врши продажбата. Не заостанува ниту давањето интелектуални услуги преку специјализирани интернет-страници, односно преку кои граѓаните на посреден начин стапуваат во контакт со клиентите кои може да бидат од целиот свет, а најчесто се од западните земји. Услугите што се извршуваат во најголем дел се од областа на информатичката технологија (изготвување интернет-страници, банери, компјутерски програми итн.). Исто така, преку интернет-маркетинг се остваруваат приходи од маркетинг-услуги врз основа на договор склучен со „Гугл адсенсе“. Физичките лица имаат свои интернет-страници со регистриран странски домен, со разновидни содржини, на англиски јазик, кои се наменети за странски посетители (САД, ЕУ, Kанада, Европа итн.) и ги популаризираат, односно ја зголемуваат посетеноста преку користењето на социјалните медиуми како „Фејсбук“, „Твитер“ итн. - објаснуваат од УЈП. Од таму потенцираат дека во ваквите случаи сопствениците на интернет-страниците, откако ќе постигнат значително ниво на посетеност, склучуваат договор со „Гугл адсенсе“, со кој се врши монетаризација на интернет-страниците. Односно во согласност со договорот сопствениците на интернет-страниците овозможуваат поставување реклами на клиенти на „Гугл“ во форма на слики, банери и видеоклипови, а за возврат „Гугл“ им исплаќа одреден надомест на месечно ниво. Kонтролирани се и интернет-блогерите - физички лица што имаат свои интернет-страници или блогови со спортска содржина специјализирана за анализа на спортски натпревари. Тие нудат предвидувања (типови) за исходот на спортските натпревари за одреден надомест. Услугите главно се наменети за странски физички лица, а плаќањето се врши преку агенти за брз трансфер за пари.