Македонија
24. September 2017 - 16:05

Учесниците на локалните избори во сите општини се обврзаа на фер и демократски изборен процес

Со стисната рака и потпис на кодексот, кандидатите за градоначалници од цела Македонија си поскаа фер избори и позитивна кампања. Тие се обврзаа дека ќе ги почитуваат сите правила и прописи и дека нема да вршат притисоци врз вработените во јавниот сектор.

Во текот на денешниот ден ДИК ќе го затвори избирачкиот список. Не него ќе има околу 1,8 милиони гласачи, кои своето гласачко право ќе можат да го остварат на 2973 избирачки места распоредени во 80 општини и Градот Скопје. Најмногу гласачи има општина Куманово. По затворањето на избирачкиот список се очекува бројката да се движи околу 90.000. Најмалку граѓани ќе гласаат во општина Вевчани, каде што на избирачкиот список не се очекуваат над 2.000 гласачи.

По површина, најголема македонска општина е Прилеп со 1194 километри квадратни, а најмала Чаир со само 3,5 квадратни километри.

Граѓаните на сите општини освен скопските ќе гласаат на две гласачки ливчиња. По едно за избор на градоначалник и едно за општинскиот совет. Скопјани ќе гласаат на 4 ливчиња, бидејќи истовремено ќе избираат градоначалник и совет на општината во која живеат но и на град Скопје. Изборите за градоначалник ќе се одржат во два круга во оние општини каде што еден од кандидатите нема да освои над 50% од излезените гласачи уште во првиот круг.
Кампањата стартува утре. ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори со голем митинг во Охрид. Централниот митинг на СДСМ за утре е најавен во Битола.

Кампањата ќе трае до 13 октомври кога ќе почне изборниот молк кој трае до завршувањето на гласањето, во 19 часот на 15 октомври. Вториот круг, онаму каде што ќе биде потребен, ќе се одржи две недели подоцна на 29 октомври.