Македонија
1. October 2015 - 16:31

Учениците во стабилна состојба, полицијата трага по напаѓачите кои ги испрскале со спреј во Aрсение Jовков

Уште тројца ученици од средното училиште Арсени Јовков доцна синоќа побарале лекарска помош на  Токсикологија. И тие се жалеле на иритирачко кашлање, печење на грлото и солзење на очите. Со слични симптоми на труење од  засега непознат гас вчера попладне на Клиниката беа примени 10 средношколци и еден професор, а во 8 септември завршиле три ученички.  Сите 17 пациенти од економско правното училиште се во стабилна сосотојба и пуштени се дома.

- Сите направени испитувања беа во границите на нормала така што ниту едно дете не е во каква било опасност. Може и денеска да има некои тегоби во смисла на кашлање и печење на очите, но други симптоми нема. Денеска четири - пет лица дојдоа на контрола, немаат никакви посебни симптоми и дадена е терапија повеќе за иритација на очите,изјави д-р Нестор Поповски в.д директор на Клиниката за токсикологија.

Според директорот на Токсикологија  најверојатно причина за труењето е иритирачка материја слична на димна бомба, но за што точно станува збор треба да покажат дополнителните анзлизи на Институтот за судска медицина. Се исклучува можноста дека бил употребен солзавец, бидејќи ќе имало многу повеќе пациенти.

До доцна во ноќта екипи од МВР вршеа увид во училиштето. Дел од средношколците сведочеле дека на големиот одмор еден поранешен ученик и негов пријател во Арсени Јовков  испрскале некаков спреј,по што децата почнале да кашлаат и да се жалат на главоболка. Полиција и Брза Помош повикало обезбедувањето.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.

Денеска средното економско Арсени Јовков функционираше нормално. Се одржуваше редовна настава. Директорката тврди дека утринава немало отсуства на деца.