Македонија
3. February 2017 - 10:39

Ученици од ОУ „Никола Карев“ Кочани по втор пат наградени во Италија

На 13-от Меѓународен поетски фестивал „Замокот на Дуино“ што се одржува во Трст, Италија учениците од ОУ „Никола Карев“ од Кочани освоија специјална награда. Станува збор за светска манифестација на која учествуваат училишта и поединци од цел свет.

Од Македонија награди доби само ОУ „Никола Карев“ од Кочани, чии ученици од 31 март до 2 април ќе бидат гости на манифестацијата во дворецот на Дуино во Трст, кога и ќе им биде врачено признанието. 

- Оваа година се твореше на тема „Моето наследство“ и ние со учениците одлучивме да твориме за наследствата што тие ги имаат добиено од своите баби и дедовци. Највпечатливо беше творењето на ученичката Наде Ефремова која пишуваше за најголемото наследство што сите го добиваме, а тоа е нашата земја и слободата, рече Љупка Стојменова, ментор.

Учениците од тимот Ивона Антова, Василија Коцева, Наде Ефремова, Елена Јакимова и Драгана Насева се задоволни од учеството и од специјалната награда и радосни што ќе можат да отидат по втор пат во Италија за лично да ја подигнат наградата. Ова признание за нив претставува поттик да пишуваат и творат и понатаму и да создаваат дела за паметење.

- Јас и моите четири соученички изработивме книга од сите наши литературни творби што беа на тема „Моето наследство“. Наградата ќе ни биде поттик и понатаму да пишуваме и да твориме, рече Наде Ефремова, ученичка во ОУ „Никола Карев“.

Учениците се претставија со изработка на своја поетска книга составена од песни на македонски, преведени на англиски јазик. Преводот на англиски јазик е на Панче Атанасов и Марија Дончева, професори по англиски јазик, а техничката изработка на книгата е на Благој Гранков.

Од училиштето се надеваат дека и оваа година патувањето на учениците и менторот во Трст ќе биде финансиски поддржано од општина Кочани.