Македонија
21. August 2017 - 15:35

Ученици од Берово на обука во Италија

Шеснаесет ученици од угостителско-туристичката насока од беровскиот СОУ „Ацо Русковски“ се на практична обука во италијанскиот град Сполето во областа Умбрија на 100 километри северно од Рим во рамките на Еразмус плус програмата  за стручно образование и обука, мобилност на ученици, со вредност на грантот од 75.036,00 евра.

Како што истакна Гоце Џалевски директор на СОУ „Ацо Русковски“, проектот на гимназијата „Рурален туризам“ инструмент за одржлив развој на Малеш беше прифатен од  програмата Еразмус плус и со него е предвидено да бидат опфатени 32 ученика, односно  две групи од по 16 ученици кои по 15 дена ќе имаат практична работа на фарма за рурален туризам.

-Во моментов првата група ученици  се на практична обука на  „Fattorija biologica patrica“, фарма за рурален туризам и органско производство на сирење, леб, маслиново масло. Во рамките на програмата, учениците ќе ги зголемат своите знаења и вештини, ќе имаат можност за размена на искуства, а ќе им помогне во идната професија и во вработувањето.  Ученците ќе добијат европски сертификати кои се признати во целиот свет што во иднина ќе може да им помогне во нивната професионална кариера. Морам да кажам дека за самото училиште, оваа програма ќе придонесе за издигнување на стручната насока на повисоко ниво, рече Џавлевски.

Првата група ученици треба да се врати во Макеоднија на 1 септември по што во втората половина на септември ќе замине и втората група од 16 ученици. Во беровската гимназија околу 90 ученици следат настава во стручната угостителско-туристичка насока.