Свет
12. July 2016 - 17:37

Уапсени петмина напаѓачи за пукање врз полицајци во Вашингтон

Полицијата во Вашингтон уапсила пет лица откако отвориле оган врз припадници на полицијата, јавуваат американските медиуми.

Засега нема информации дали во пукотницата има повредени.

Овој најнов инцидент се случи по протестите заради убиствата на двајца афроамериканци во сојузните држави Луизијана и Минесота од страна на полицијата и убиството на петмина полицајци во Далас минатата недела.

Портпаролот на вашингтонската полиција, Дастин Стернбек, за американските медиуми објасни дека неговите колеги во Вашингтон реагирале на пукањето во југоисточниот дел од градот. Кога стигнале на лице место во обележени полициски автомобили, на нив бил отворен оган од еден џип. Полицијата возвратила на огнот на напаѓачите, кои потоа се забарикадирале во автомобилот и одбивале да излезат.

По околу 30 минути, трите жени и двајцата мажи од џипот им се предале на полицајците.

Стернбек изјави дека не е јасно зошто тие пукале врз полицајците, а истрагата ќе утврди дали биле во тек на вршење на некое кривично дело пред да стигне полицијата.