Свет
15. December 2017 - 17:15

Туск: Време е да се разјаснат идните односи меѓу Лондон и ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск наведе дека е дојден моментот кога треба да се разјасни визијата во однос на тоа какви ќе бидат идните односи меѓу Лондон и Европската унија, откако Велика Британија ќе ја напушти Унијата.

- Кога зборуваме за рамките за идните односи, сега е време за интерни подготовки на 27-те земји членки и за понатамошните контакти со Велика Британија со цел да се појасни нивната визија, истакна Туск на крајот од дводневниот самит во Брисел, каде лидерите на ЕУ договорија преминување во нова фаза на преговорите со Лондон за Брегзит, што ќе започне кон почетокот на следната година. 

Претседателот на Европскиот совет посочи дека се договорени насоките за следната фаза, кои се однесуваат на транзицискиот период, како и дека е воспоставена рамка за идните односи на Велика Британија и ЕУ.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер исто така, го поздрави преминувањето во друга фаза на разговорите за Брегзит.

- Заклучивме дека сме оствариле доволен наредок. Сега ни останува заедно со нашите британски пријатели да подготвиме предлог-договор за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Се надевам дека тој договор ќе биде одоборен од страна на Европскиот парламент и британскиот Парламент, порача Јункер.