Македонија
30. March 2017 - 16:16

Туск ќе се сретне со Иванов во понеделник во Скопје

Претседателот Иванов во понеделник ќе се сретне со Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потврдија од кабинетот на шефот на државата.

Туск е вториот висок претставник на Европската Унија што доаѓа во земјава за неполни две недели, откако на 21 март Јоханес Хан беше во Скопје во мисија за решавање на политичката криза, но тогаш Иванов не се сретна со еврокомесарот за проширување со образложение дека неговите ставови остануваат непроменети.

Иако, посетата на Туск на Македонија е во рамки на регионалната турнеја, посветена на состојбите со мигрантската и бегалската криза и примената на сеопфатното европско решение, првиот човек на Унијата со Иванов ќе разговараат за политичката ситуација во земјата, како и за европската перспектива на регионот. 

Засега не е познато какви пораки и барања ќе донесе Туск, откако Иванов одби да му го даде мандатот за формирање влада на Заев, и покрај повиците од Хан и европарламентарците.

Инаку, турнејата на Претседателот на Европскиот совет се реализира во период на се почестите предупредувања за нов мигрантски бран, и заканите од Турција за прекин на договорот со Унијата.

Посетата на Туск на Република Македонија во понеделник ќе биде трета за само две години.

На последната средба во март 2016 година, Туск и Претседателот Иванов дискутираа за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза.

На таа средба, Иванов предупреди за илегалната миграција и насилното влегување во Македонија и беше дециден дека Македонија нема да дозволи зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза. Македонскиот претседател тогаш порача дека Македонија ќе ги преземе сите активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.