Свет
1. September 2016 - 16:45

Туск: ЕУ мора да ги заштити интересите во преговорите околу Брегзит

Со Британија нема преговори пред Лондон да покрене „процес на развод“, нагласи денеска претседателот на ЕС, Доналд Туск додавајќи дека сака да ги заштити интересите на останатите членки на Европската унија.

Туск рече дека лидерите од 27 држави членки на Унијата ќе мора да се фокусираат на прашањето за безбедноста во време кога има и други проблеми како што е мигрантската криза.

Самитот во Словачка на 16 септември (без Британија) ќе се занимава со „животот по Брегзит“ и на него нема да биде разгледана преговарачката стратегија за идните односи со Лондон, изјави Туск.

– Нашата позиција е јасна – нема преговори без известување. Тој принцип е во нашите договори и тоа со причина – за да се заштитат интересите на членките на Унијата кои сакаат да останат заедно, а не оние кои сакаат да се повлечат, наведе Туск.

Тој вели дека приоритет на ЕУ сега треба да биде „преземањее целосна контрола во меѓународната безбедност и надворешните граници“.

– Брегзит е егзистенцијално прашање за остатокот на ЕУ, но Унијата има огромни можности за просперитет, нагласи тој.