Балкан
25. July 2016 - 11:19

Турскиот хеликоптер што слета во Грција, врел компир за грчко-турските односи

Турскиот воен хеликоптер, кој слета во грчкиот град Александруполис за време на обидот за државен удар во Турција, се претвори во еден од досега најтешките предизвици за релативно неискусната грчка Влада, коментираат странски дипломати за грчките медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, пристигнувањето на осуммината турски офицери и нивните барања за азил, создадоа дипломатска главоболка за Грција, која има долга историја на деликатни односи со многу поголемиот и помоќен источен сосед. Грција сега е должна да ја спроведе постапката за азил, што може да трае со недели.

- Тоа што слета на грчка територија, беше буквално врел компир, изјави Танос Докос, директорот на Грчката фондација за европска и надворешна политика.

Според него, грчката Влада „е растргната меѓу чувствителноста на Сириза за човековите права и прашањата за азил, од една страна, а од друга страна е цинизмот на која било владејачка партија, кога станува збор за прашања што влијаат на надворешната политика на земјата“.

- Она што мора да се спроведе е грчкото и меѓународното право. Но, морам да кажам и дека турскиот аргумент во полза на екстрадиција е многу силен, изјави заменик-министерот за одбрана Димитрис Вицас за телевизијата „Мега“.

Весникот „То Вима“ објави коментар со наслов „Грчко-турските односи по затегнато јаже“, во кој нагласува дека Атина е вознемирена од пресвртот на настаните во Турција и оти врз оваа основа се влошуваат односите на Анкара со Брисел и Вашингтон.

Од политичка и правна гледна точка изгледа најголем е проблемот со екстрадицијата на осуммината турски офицери. Весникот нагласува дека сето ова се случува во момент кога Владата во Атина треба да ги реши отворените прашања со кредиторите на земјата и со преструктуирањето на долгот, и е отежнато справувањето со можните последици врз грчко-турските односи по обидот за преврат во Турција.

- Она со што уште се занимаваат владини и дипломатски кругови, е иднината на договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците. Иако извори од Брисел засега не велат дека договорот со Турција ќе биде блокиран, вознемиреноста е повеќе од реална, пишува „То Вима“.

Весникот информира дека претставници од Комисијата веќе се во Турција, за да ја проценат ситуацијата во земјата, а од Атина тоа се следи со голем интерес, „затоа што договорот за бегалците во делот за депортација дава знаци на аритмија“, нагласува весникот.