Балкан
4. August 2016 - 18:21

Турски суд издаде официјален налог за апсење на Ѓулен

Суд во Истанбул денеска издаде официјален налог за апсење на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во американската сојузна држава Пенсилванија.

Судот наложи апсење на Ѓулен под обвинение дека бил организатор на неуспешниот обид за воен удар на 15 јули, во кој загинаа повеќе од 270 луѓе.

Турската Влада тврди дека Ѓулен го организирал неуспешниот преврат, кој го извршиле дисиденти на турската војска и бара од САД тој да биде екстрадиран во Турција.

Анкара го прогласи движењето на Ѓулен за терористичка организација, а исламскиот проповедник, кој е поранешен сојузник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, ги отфрла обвиненијата за негова вмешаност во обидот за државен удар.

Турција се уште нема испратено официјално барање за екстрадиција на Ѓулен, но налогот за апсење би можел да биде вовед во тоа, бидејќи Вашингтон бара од Анкара докази за вмешаноста на исламскиот проповедник во неодамнешните немири.