Бизнис
21. February 2017 - 19:49

Туристичките водичи бараат посилна поддршка за борба против нелојалната конкуренција

Перспективна професија која нуди можност за самовработување. Отсега квалификувани туристички водичи ќе можат да се најмат и оценат онлајн преку првиот дигитален регистар.

Нивните претставници велат дека тие се клучни за тоа како странците ќе ја доживеат земјава, поточно, околу 65 отсто од впечатоците на турите се директен резултат на квалитетот на туристичкиот водич, според направеното истражување.

Од друга страна тие се најранливата категорија во туристичката индустрија која се соочува со нелојална конкуренција од нелиценцирани водичи.

- Водичите се една од најважните алки во вредносниот синџир на туризмот кој има сериозно влијание врз доживувањата на туристите. Од водичите зависи како туристот ќе доживее и со какви впечатоци ќе замине од одредена дестинација, подвлече Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) која го поддржа изготвувањето на регистарот. 

Штета од нелиценцираните или пак странски водичи има и земјата чија историја понекогаш се претставува прилагодена на убедувањата и очекувањата на туристи од соседните земји. Заради ова се предлага покрај локалните инспекции да се формира и републичка.

- Лиценцата треба да се продолжува преку проверка на знењето и на она што се кажува пред туристите. Голема одговорност е како водичите ќе ја претстават Македонија. Вложувано е многу во контрола на нивниот квалитет, како и во проекти за обука на кадри во рурални средини, информира Бранко Босилков, претседател на Асоцијацијата на туристички водичи.

Водичите имаат голем број најави од странски тур-оператори за 2017 и се надеваат на политички стабилна година за да истите се реализираат. Исто така, им требаат познавачи на кинески и јапонски јазик.

Лани Македонија ја посетиле над 510 илјади странски туристи. Наспроти тоа, имаме помалку од 800 лиценцирани водичи од кои во голема мера зависат нивните впечатоци.