Македонија
9. October 2015 - 15:29

Туристичките потенцијали презентирани на саем во Италија

Туристичките потенцијали на Македонија се промовираат на туристичкиот бизнис саем „TTG Incontri“ што од вчера до утре се одржува во Римини, Италија.

На изложбен штанд, претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и туристичкото стопанство од Македонија ги презентираат главните туристички потенцијали пред меѓународните тур оператори.

Саемот, како што наведуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, е можност да се остварат голем број контакти и вмрежување меѓу побарувачката и понудата на туристичките продукти. 

- Италијанскиот туристички пазар може да биде продуктивен за македонските туристички работници со одлична туристичка понуда атрактивна за италијанските туристи и можноста што ја нудат двете авионски линии од Скопје до Милано со Wizz Air и до Рим со Alitalia, се вели во соопштението од Агенцијата.

За меѓународните излагачи „TTG Incontri” е главен настан за влез на италијанскиот пазар, а за италијанските туристички работници саемот е најголемиот туристички пазар за преговори со меѓународните купувачи.

Саемот е посетен од 60.158 туристички професионалци, а 2.480 компании кои ги промовираат своите туристички дестинации.  Во негови рамки се остварени повеќе од 35.000 деловни средби со повеќе од 1.000 меѓународни купувачи кои доаѓаат од 60 земји. Присуствуваат 300 блогери кои доаѓаат од целиот свет и околу 700 странски новинари.