Балкан
21. February 2017 - 9:36

Турција планира да ја отвори својата прва научно-истражувачка база на Антарктикот

Група турски научници ќе заминат следните денови на Антарктикот со цел да ја создадат таму првата научно-истражувачка база на Турција , изјави во интервју за Анадолија директорката на Поларниот истражувачки центар при истанбулскиот универзитет, Бурџу Јозсој.

Групата ќе ги изврши подготвителните активности за спроведување физибилити студија за проектот.

Научната работа на Антарктикот е важна за собирање на информации за глобалните климатски промени. Неколку земји таму спроведуваат истражувања во областа на физиката, геологијата, биологијата, а Турција исто така има потенцијал за таква работа, рече Јозсој. 

- Ќе бидеме многу горди кога турското знаме ќе почне да се вее таму, додаде таа. 

Во април минатата година група од 14 турски истражувачи од седум турски универзитети, меѓу кои лекари, ботаничари, синоптичари, геолози и океанографи, извршија научна експедиција до Антарктикот со цел да се проучат последиците од глобалното затоплување. 

Турција е меѓу учесниците во Антарктичкиот договор, потпишан во 1959 година, со кој таму се дозволува спроведување единствено на научна дејност. Поларниот истражувачки центар на Турција е создаден во 2015 година.