Свет
19. October 2017 - 11:53

Турција користела моторџиска банда за пресметка со политички противници во Германија

Моторџиска банда составена од Турци кои живеат во Германија, која дејствува под името Османлиска Германија, била поврзана со турските власти и служела за собирање информации и заплашување на водачите на организации кои се спротиставени на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, пишуваат германските весници.

Организацијата дејствувала во сојузната држава Северна Рајна Вестфалија и имала околу 2.500 членови. Според доверлив извештај на Министерството за внатрешни работи на оваа германска сојузна држава, кое беше објавено во медиуимите, групата била ангажирана во разни криминални активности, но имала и тесна соработка со турската безбедносна служба МИТ.

Според извештајот, кој бил доставен до министерот за внатрешни работи Херберт Реул, групата била ангажирана за борба против курдски организации, турски левичарски групи спротиставени на Ердоган и лица поврзани со Фетула Гулен.

Османлиска Германија била активна во градовите Ахен, Билефелд, Бохум, Дортмунд, Дизелдорф, Дуизбург, Есен, Келн и Мунстер. Веќе неколку години групата била набљудувана и од германските безбедносни служби, при што биле извршени неколку рации против нивните членови.