Кошарка
12. December 2017 - 9:02

Турбуленции во Партизан пред мечот со МЗТ Скопје

 
Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром не е единствениот тим кој преживува тежок период и промени на тренерското место, бидејќи во слична ситуација се наоѓа и белградски Партизан, следниот противник на аеродромци во АБА лигата. 
 
Како што најавуваат српските медиуми, утре Управниот одбор (УО) на црно-белите , најверојатно ќе решава за судбината на актуелниот тренер Мирослав Николиќ, кој е под голем притисок од јавноста, поради слабите резултати. 
 
Партизан е во низа од пет меча со порази, односно само една победа имаат црно-белите на деветте последователни натпревари во АБА лигата и Еврокупот. 
 
По поразот од Цедевита во Белград, претседателот на клубот Остоја Мијаиловиќ најави дека во текот на оваа седмица ќе заседава УО. 
 
„За оваа недела имаме закажано седница на УО, на која најнапред се ќе минеме детално и интерно во клубот, а потоа ќе и се обратиме на јавноста, најверојатно на прес-конференција за медиумите“, изјавил за белградски „Блиц“ Мијаиловиќ. 
 
За разлика од претседателот на клубот,кој неодамна изрази поддршка за тренерот Николиќ, спортскиот директор Драган Тодориќ, порача дека „нешто мора да се менува во клубот“, префрлајќи ја „топката“ кај тренерот Николиќ у Управниот одбор. 
 
Неофицијално, раководството на Партизан веќе утре ќе има работна средба на која ќе биде разгледана актуелната состојба, како и можноста за смената на Николиќ од тренерското место. 
 
Следниот меч Партизан ќе го има веќе во среда (13 декември) кога во Белград против шпанскиот Билбао ќе игра во рамките на Еврокупот, додека дуелот против македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром е закажан за во сабота (16 декември).