Македонија
15. November 2017 - 14:27

Тунтев: Со законот за јазиците се заокружува Рамковниот договор во делот на човекови права

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денеска најави амандмани на Предлог законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека со овој закон ќе се заокружи Охридскиот рамковен договор во делот на човековите права.

- Со денешното изгласување на потребата за донесување на законот за употреба на јазиците почнува постапката за целосно решавање на ова прашање, што е отворено со потпишување на Рамковниот договор, рече Тунтев.

Потенцира дека со носењето на овој закон конечно ќе се заокружи процесот на имплементација на Рамковниот договор во делот на унапредување на човековите права во државата.

- Очекувам дека во соработка со коалициските партнери, но и со останатите пратеници во текот на амандманската расправа, значи во следната фаза ќе дојдеме до комплетно решение што ќе биде во интерес на сите граѓани и на сите етнички заедници. Ние како пратеничка група или дел од неа веќе работиме на амандмански предлози што очекуваме дека ќе придонесат кон подобро и поквалитетно законско решение, рече Тунтев.

Нашата клучна и единствена цел, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ е Македонија да стане општество каде сите ќе бидат еднакви и во правата и во обврските.

Според листингот за гласање за потребата за носење на Предлог законот не се изјасниле двете пратенички од ДОМ, за што Тунтев изјави дека без разлика што тие се дел од владејачкото мнозинство секој пратеник има право на сопствено мислење.

- СДСМ отсекогаш бил и ќе биде демократска партија и секој пратеник има право на сопствено мислење. Ние не навлегуваме во стилот дека не треба да гласате или треба да гласате или со некакви услови. Нашата коалиција не се заснива на такви критериуми така што правото на секој пратеник е да си гласа согласно неговата совест и желба и неговата интенција за придонес кон одредено решение, рече Тунтев.

Координаторот на СДСМ рече дека тие работат на намалување на патните трошоци на пратениците.

- Многу брзо ќе имаме конкретни предлози, рече Тунтев.