Свет
21. јуни 2016 - 9:45

Трст е наш, а можеби и швајцарски

Политика - Белград

Голем дел од северот на Јадранското Море има богата историја, а сега таму делува и движење за независност.

На локалните избори во Италија еден од најслабите одѕиви на гласачите е забележан во Трст. Според официјалните податоци, дури 53 отсто од жителите на севернојадранскиот полуостров кои имаат право на глас излегле на гласачките места, што е многу помалку од просекот за цела Италија, кој изнесува околу 66 отсто.

Една од причините за послабата излезност на жителите на Трст на локалните избори е повеќегодишната активност на Движењето за слободен Трст, организација основана во 2011 година, која заговара независност на овој голем дел од северот на Јадранското Море.

Известувачот на конзервативниот швајцарски весник „Ноје цирхер цајтунг‟ престојувал во Трст во време на локалните избори, кога имал интересна средба со претставниците на ова движење.

Активистите прво се обиделе на новинарот да му дадат промотивен флаер во кој граѓаните се повикуваат да ги бојкотираат локалните избори и наместо тоа да потпишат проглас во кој се бара независност на Трст. Кога сфатиле дека пред себе имаат претставник од седмата сила, новинарот бил „спроведен‟ во седиштето на движењето, каде имал интересен разговор со самопрогласениот министер за надворешни работи на „слободен Трст“, Паоло Паровела.

„Ноје цирхер цајтунг‟ текстот за Трст и тамошното движење за независност го почнува вака: „Дека Трст и припаѓа на Италија, знаеле само 67 отсто од анкетираните Италијанци, според резултатите на истражувањето на јавното мислење спроведено во 1999 година. Овој град до 1918 година речиси пет века бил под власта на Австроунгарската монархија‟.

Таквиот историски вовед, фактот дека Трст дури по завршувањето на Првата светска војна бил пропоен кон Италија и дека по Втората светска војна тогашна Југославија имала територијални претензии кон овој јадрански дел, биле во рамки во чии НЦЦ ја сместил својата приказна за независноста.

- Италијанската влада во 1954 година добила само провизорно право да управува со градот, објаснува Паровел. - Таа одлука била втемелена на мировниот договор од 1947 година, кој меѓу другото, го потпишале и силите победнички, а меѓу нив и Швајцарија... Да Швајцарија. Поради тоа ние и сметаме дека Швајцарија треба да биде меѓународен гарант за слободен Трст: неутрален град каде делумно се зборува италијански,  заклучил тој.

Така Трст во втората деценија на 21 век, ќе стане и швајцарски. Не толку одамна, по 1945 година, сакавме да биде наш (југословенски), а кога тоа не успеа, го освоивме преку паричниците и во еден момент стана неофицијална трговска престолнина на таа голема Југославија. Беше град во кој се одеше за да се купат добри фармерки, „виетнамки‟, „старки‟, најлон-кошули, чевли. Југословените таму купуваа и часовници, гуми за џвакање, виски, кафе, „зипо‟ запалки, плочи... Возовите од Трст беа најчесто претоварени со стока, за лична употреба или шверц.

Трст беше наш неколку недели во 1945 година. Југословенската армија градот го зазеде на 1 мај во 1945 година, а веќе на 12 мај беше потпишан договор меѓу западните сојузници и Југославија за напуштање на оваа територија, што југословенската војска го направи на 12 јуни во 1945 година. Овој кус период остана забележан како „40 дена на Трст‟.

Во Париз на 10 февруари во 1947 година е потпишан мировниот договор со Италија со кој е основана Слободна територија на Трст. Оваа територија е поделена во две зони. Зона А (222,5 квадратни километри и 262.000 жители) со градот Трст, под управа на британските и американските сили и Зона Б – 515,5 квадратни километри, под управа на југословенската армија.

На прв поглед малиот граничен спор меѓу Италија и Југославија околу Трст бил всушност многу повеќе од тоа. Југословенските територијални претензии кон овој простор, западот ги доживувал како продор на комунизмот кон Италија. Кризата на Трст била секако дел од студената војна во Европа по Втората светска војна, која официјално е завршена дури со падот на „железната завеса‟ во 1989/1990 година.

Првиот внимателен чекор кон постепено разрешување на трстјанската криза е направен во 1954 година, кога во Лондон е потпишан договор со кој Слободната зона Трст престанала да постои. Зоната А е приклучена кон Италија, а зоната Б кон Југославија. И покрај постигнатото компромисно прашање за Трст, тоа уште долго ги проблематизирално односите на Југославија и Западот.

Конечната граница меѓу Југославија и Италија е договорена дури во 1975 година со Осимските договори, кои се потпишани во италијанското место Осимо во билизина на Анкона. По распадот на поранешна Југославија обврските од Осимските договори ги преземаа Словенија и Хрватска, кои фактички ја поделија поранешната зона Б.