Македонија
25. јуни 2017 - 19:05

Тројца убиени, еден се самоубил откако Алфите го стигнале

Крвава трагедија ги потресе жителите на Ѓорче Петров и Глумово. Маж изврши тројно убиство а потоа си го одзеде и својот живот. Утрово во 10 часот жител на Глумово дошол во куќата каде живеел синот на неговиот роден брат во Ѓорче Петров и со огнено оружје испукал неколку куршуми кои биле смртоносни за неговиот внук и правнук. Се претпоставува дека осомничениот убиец бил дојден на гости кај своите деца кои живееле во близина на улицата Панајот Гиновски каде е извршено првото двојно  убиство. По пат ги сретнал внуците од својот роден брат кои биле во придружба на своите деца. Од сеуште не познати причини вперил пиштол кон нив. Испуканите куршуми биле кобни за двајца од роднините на сторителот. Соседите од Ѓорче Петров не ги познаваат доволно жртвите бидејќи како што велат тие дошле да живеат по кирија во ова маало пред неколку месеци.

По грозоморниот чин сторителот се качил во автомобил и се упатил кон родно Глумово велат извори од истрагата. Полицијата иако му била зад петици, тој по пат пред џамијата случајно го сретнал  својот роден брат кој во моментот бил во автомобил и пукал директно во него со што веднаш го усмртил. По третото убиство се упатил кон семејната куќа каде полицијата го пресретнала и побарала од него да се предаде. Убиецот без размислување веднаш си вперил пиштол во градниот кош и се самоубил.

Жителите на Глумово беа потресени и  не сакаа да зборуваат пред камера. За убиениот велат дека бил вреден занаетчија секогаш насмеан и љубезен со соседите. Се претпоставува дека причина за оваа голема трагедија биле фамилијарни недоразбирања околу нерасчистени имотно правни односи. Телата на убиените и сторителот се предадени на обдукција а Ј.О работи на целосно расчистување на случајот.