Џет-Сет
14. December 2017 - 22:07

Трогателна исповед на македонскиот фолкер: Имав само 11 години кога родителите ми загинаа во сообраќајка

Пејачот Душко Георгиевски во интервју за „Женски магазин“ зборуваше за своите најтешки мигови во животот.

Женски Магазин: Препознатлив сте по интерпретацијата, низ годините отпеавте повеќе емотивни текстови. Кога Ви било најтешко во животот?

Душко – Дефинитивно, периодот откако останав сам со мојата помала сестра. Имав 11 години кога загинаа моите родители. Тогаш, како дете кога сте изгубени и исплашени, а судбината ви е во други раце и некој друг одлучува за вашата иднина. Притоа не ви е родител којзнае најдобро што може и што треба да направи за своето чедо. Сега, кога и самиот сум родител, точно знам колку е важно тоа за едно дете, онаа родителска љубов која му е целиот свет и потпора и во добро и во лошо. Кога ќе се присетам, тогаш морав брзо да ги разбирам работите. Бев сам во мојот свет, но многу учев и истражував. Преку книгата го осознав светот. Созреав многу побрзо од моите врсници. Морав брзо да пораснам, зошто немав избор.

По смртта на родителите, роднините ми купија флејта за да ми го окупира вниманието и да немам време да мислам и да тагувам. Животот многу рано ми ја покажа суровата страна. Научив да се носам со најмрачната судбина, но оттогаш ништо повеќе не може да ме помести во животот, затоа што многу добро знам која е неговата цена.

Женски Магазин: Што се случи? Како починаа Вашите родители?

Душко – Загинаа во сообраќајна несреќа, кај Алексинац во Србија, во моментот кога се враќаа од одмор. Беа со своите братучеди, мене и сестра ми не оставија дома. Не знам зошто, можеби за да останеме живи, така ги натерала судбината. Тоа беше еден трогателен настан, во еден миг да немате кому да кажете мамо и тато. Иако не сакам многу да зборувам за ова бидејќи не ми е намерата да предизвикувам чувство на сожалување кај луѓето, има еден факт кој ексклузивно ќе го споделам со Вас. Со сестра ми не присуствувавме на погребот. Биле во лимени ковчези, секако немаше да ги видам. Не однесоа надвор од градот, во детско одморалиште. Денес, жалам за тоа.

Како зрел човек и денес тешко наоѓам зборови. Како тинејџер никогаш и никаде не зборував за мојата судбина. Сепак, болеше секогаш кога одзади грб го слушав зборот „сираче“. Ме повредуваше длабоко во душата.

Женски Магазин: Собравте храброст да им посветите песна дури кога се навршија 20 години од нивната смрт.

Душко– Да, на „Цветници“ во 2011 година ја отпеав „Молитва“, преку музиката да ги искажам чувствата, бидејќи поинаку никогаш не умеев да го направам тоа. Преку стиховите „ѕвезди сјајни далечни што ми велите дали спокој најдоа родителите, дали сега горе се кај ангелите“ првпат јавно проговорив за мојата судбина и признав „колку свеќи восочни запалив, колку драги спомени во срце заклучив“ ветувајќи дека „со песнава молитва сега Ви подарувам, Вие тука в срце сте, јас продолжувам“. Овој фестивал беше мојот најтежок настап. Не сум свесен како успеав да останам на нозе.

Целото интервју со Душко Георгиевски прочитајте го на сајтот на Женски Магазин