Македонија
30. May 2016 - 11:50

Тркалезна маса на 4.Меѓународен литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Во рамки на 4. Меѓународен литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што го организира издавачката куќа „Икона“ од Скопје, денеска во ЕУ Инфоцентарот ќе биде се одржува тркалезна маса на тема „Независни издавачи од Германија и превод на литература од Балканот: мапирање на реалноста“.

Модератор на дискусијата е проф.Елизабета Шелева, а ќе учествуваат сите гости-писатели на годинашниот фестивал и членовите на програмата „Скопје fellowship“.

Како што најави организаторот „Икона“, вечер од 19 до 20 часот во нивната книжарница во „Скопје Сити мол“ учесниците писатели ќе потпишуваат книги и ќе имаат средби со читатели, а домашните автори и издавачи ќе имаат можност за средба со членовите на „Скопје fellowship“. 

Тридневниот фестивал почна вчера во Даут-пашин амам, каде што утревечер, на затворањето на фестивалот, ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на годинашниот лауреат - бугарскиот писател Георги Господинов. „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува оваа награда за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот. 

За Господинов вчера се одржа и книжевен портрет, на кој уметничкиот директор на фестивалот Александар Прокопиев истакна дека без разлика каква е структурата на неговите романи, во богатата композиција постои лиричност, која претпостави дека доаѓа од поезијата што ја создава.

- Контрабандист помеѓу поезијата и прозата. Поезијата е многу важна за луѓето што пишуваат романи реченица по реченица. Јас почнав со поезија, така што таа шизофренија помеѓу двата жанра, мене ми е многу важна. Во „Физика на тагата“ ми беше важно да разработам различни стилови на раскажување, има хексаметар, Сократов дијалог, митолошки расказ и ми беше важно како се ќе се собере во едно. Книгата има и места за одмор, кога читателот, треба да си ги собере мислите и да продолжи, рече Господинов, кој е најпреведуван современ бугарски прозаист.

Гости на фестивалот се и Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ од Србија, Асли Перкер од Турција, Андреј Блатник од Словенија, а претставник од Македонија годинава е академик Луан Старова.  

Прокопиев посочи дека крајната цел е македонската публика да се запознае со автори чии дела не само што се регионално важни, но преминуваат и граници.

- Сите автори што ги имаме гости, се веќе преведени на македонски јазик, а од друга страна, зачестија и преводите на нашите автори на јазиците во регионот. За нас е многу важно што со нас е Џон О’ Брајан, од „Далки аркајв прес“, додаде Прокопиев, кој ги претстави делата на годинашните гости заедно со Ермис Лафазановски и Елизабета Шелева. 

Фестивалот ПРО-ЗА Балкан го помогнаа Министерството за култура, Турскиот културен центар, Културниот центар на Бугарија и Европската Комисија во Македонија.