Живот
22. August 2017 - 12:50

Трка на жирафи и носорози во зоолошка во САД по повод еклипсата

Штурците и другите животни станаа побучни кога зоолошката во Нешвил, Tенеси, САД, се затемни, но во моментот на целосното сончево затемнување, луѓето ја придушија таа бучава со ракоплескања и извици.

Но, вистинското „шоу" допрва следеше. Кога светлината одново проѕре, две жирафи - Мази (стара 6 месеци), и Наша (3 месеци), почнаа да трчаат во круг пред воодушевените посетители. Малку потоа и носорозите, видно возбудени и збунети од природниот феномен, ги демонстрираа своите тркачки вештини.

На бродот за крстарење „Оаза на морето" пак, патниците го набљудуваа помрачувањето со песната на велшката пејачка Бони Тајлер - „Total Eclipse of the Heart", испеана во живо од неа самата, пренесуваат американските медиуми.

Дигиталната стриминг платформа „Спотифај" соопшти дека деновиве, пребарувањето на оваа балада од 1983 година се зголемило за 2.859 проценти во САД, и за 827 проценти на светско ниво.