Македонија
25. May 2017 - 15:12

Тринаесет претстави на 53. ДАФ, промоција на „Вертикали“ - книга за фестивалот

Тринаесет претстави ќе се натпреваруваат на 53. Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ) во Кочани кој ќе се одржува од 29 мај до 3 јуни. Од нив четири претстави се за деца (пладневни), а гостински се две претстави од Србија.

Селекторот на фестивалот Дарко Спасов на прес-конференција рече дека изборот е направен од 37 пријавени претстави на аматерски театарски групи и драмски секции на училишта од повеќе градови на Македонија и дека годинава доминантен е жанрот комедија.

- Од пријавените претстави над 90 проценти беа комедии, со мали исклучоци, како на пример „Ричард Трети“ на гимназијата „Јосип Броз Тито“. Веројатно комедијата привлекува повеќе публика и сигурен сум дека таа ќе го наполни салонот кога знае дека е комедија, истакна селекторот Спасов за новото издание на фестивалот, за кое извршниот директор на ДАФ Благој Пенов додаде дека градот Кочани е подготвен да ја угости публиката. 

Фестивалот в понеделник во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе го отвори Велики театар од Јагодина, Србија, со претставата „На морската шир“ од Славомир Мрожек. Гостинска претстава е и „Вечера на будалите“ на Френсис Вебер на КУД „Бранко Радичевиќ“ од Стара Пазова. На 2 јуни ДАФ ќе го затвори „Дисфункција“ на Младинската сцена при Интимен театар-Битола. 

За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав: Димче Николовски, режисер, Андреја Голуб, драмски уметник, и Венцо Димитровски, сценограф. 

Покрај претстави, во рамки на фестивалот ќе има и три промоции на книги - „Македонскиот рис“ од Славе Ѓорго Димоски, претставување на првиот превод на Шекспировиот „Венецијански трговец“ од Тодор Лазаров и „Историска хронологија“ по повод јубилејот на актерот Мите Грозданов, а во чест на наградените ќе биде организиран и ликовен перформанс на Сергеј Андреевски. 

На прес-конференцијата беше промовирана и монографија за Драмскиот аматерски фестивал во Кочани од театарскиот критичар Иван Ивановски насловена „Вертикали“, која е објавена за полувековниот јубилеј на фестивалот. 

За 64-годишното посветено занимавање со театарска критика за професионални и за аматерски претстави на сега 87-годишниот Ивановски зборуваше проф. д-р Јелена  Лужина, која ја промовираше книгата. Таа ги содржи текстовите кои Ивановски ги пишувал пет децении за овој фестивал, а се работи за 740 претстави кои биле дел од фестивалската сцена и за над 1400 пријавени претстави. 

- Треба да се има трпение тоа  да се забележи како факт, да се сочува за историјата за да се докаже дека ништо не е случајно, рече Лужина. На организаторите на ДАФ таа им го честиташе успешното опстојување во, како што рече, „мала средина, во објективна сиромаштија, во реална и опиплива негрижност на речиси било што е надвор од метрополата“.

- А особено негрижност за нешто што затоа што се вика аматерско тогаш не е елитно и има статус на споредно. Трогателна е и возбудлива вашата грижа за сето тоа што навистина се случува и што е исклучително витално, инаку не би ги преживеале сите овие Сцили и Харибди, нешто што луѓето го прават од љубов, љубопитство, потреба, желба, чувствувајќи дека мора да го направат, што не се чувствува кога излегуваат сите професионални актери секоја вечер на сите професионални сцени, рече Лужина на промоцијата на книгата „Вертикали“.