Македонија
10. September 2015 - 17:05

Tриесетдневен притвор за дадилката која крвнички тепа и пцуе деветмесечно бебе

Овие шокантни снимки на кои дадилка од Ѓорче малтретира деветмесечно бебе ја однесоа зад решетки. 30 дена ќе помине во Шутка. Судот и одреди мерка притвор а Обвинителството води истражна постапка. На 61 годишната Тодора и се заканува затвор од една до 10 години. МВР поднесе кривична пријава поради сомневање дека сторила кривично дело запуштање и малтретирање на дете.

-Пријавената во периодот од мај до 1 септември, додека била ангажирана како негователка задолжена за грижа за животот, здравјето и негувањето на 9-месечно дете го малтретирала и грубо се однесувала од што истото пројавило проблеми со врискање во ноќните часови, невеселост и нервоза.

На 20 август таткото на 9 месечното дете ненајавено влегол во домот и ја забележал Т.С. како со рака по лицето го удира, но истиот не изреагирал, сметајќи дека можеби се работи за негов превид. Наредните денови поставил видео камера во својот дом со цел да го заштити своето дете и да утврди како за него се грижи пријавената, на 2 септември ја извадил видео снимката и забележал како го малтретира и тепа детето, грубо се однесува кон него, со викање, навредување, штипење за рацете, грубо тресење во релаксаторот и во раце, тегнење на ушите и други облици на грубо однесување“, соопшти МВР, изјави Иво Котевски од МВР

Македонската јавност е бесна по содржината во видеото. Бараат најстрога казна за жената која безмилосно тепа бебе. Згрозеност има и надвор од границите на Македонија. Веста ја пренесоа поголем број на балкански медиуми а коментарите по социјалните мрежи покажуваат  гнев и огорченост од суровоста на дадилката. За нејзиниот адвокат, пак, снимките биле незаконски. Бара нивно изземање од процесот и ослободување од мерката притвор.

-Снимениот материјал не може да биде доказ за одредената мерка притвор. Доказот е незаконски прибавен. Ќе поднесам жалба и до ОЈО за укинување на мерката притвор или нејзина замена за домашен, вели  Ванчо Митев, адвокат на дадилката

Родителите ја ангажирале пред 5 месеци за да им го чува бебето. По извесно време забележале модринки по телото но мислеле дека е од поголемото братче. Кога тоа се повторило неколкупати поставиле скриена камера во домот. Тегнење, тепање, пцости и викање...на ова бил изложен нивниот деветмесечен син од жената на која го довериле на чување. Шокирани од снимката случајот го пријавиле во полиција. Од лошата дадилка се спасиле, но бебето нема да заборави што му правела Тодора. Психијатрите велат – треба да ги сакате децата за да ги чувате.

-Видеото не е доволно за да покаже каков е профилот на жената. Но можеби таа и со своите деца се однесувала така. Многу важно е кого родителите бираат и на кого ги доверуваат свотие најмили, вели Викторија Вујовиќ од Клиника за Психијатрија

Токму пораката на психијатрите треба да биде поука до родителите кого оставаат со своите најмили. По законската обврска за лиценци за дадилки, во земјата има и Агенции кои посредуваат за ваков профил на жени. Бројни интервјуа и запознавање пред да влезе ваква жена во вашиот дом.

-Имаме интервјуа со оние кои сакаат да бидат дадилки. Потоа процес на запознавање и адаптирање. Секако нашата комуникација не застанува туку продолжуваме и понатаму. претходно мора да се има лиценца за дадилка. Досега сме немале било какви поплаки од родители или дадилки, Сања Аризанов директор на Бејби ситинг сервис

Родителите на бебето засега не сакаат да излезат во јавност. Го чекаат почетокот на судскиот процес. Неофицијално дадилката им била роднина. Истата била мајка на три деца а има и внучиња.