Македонија
12. February 2018 - 22:18

Трибина за трендовите и влијанието на климатските промени врз лозарството

Трендовите во лозарството се диктирани од климатските промени, истакна проф. д-р Климе Белески, директор на Институтот за земјоделство, на вечерашната трибина „Трендови во лозарството” која во Неготино ја организираше Националната федерација на фармери. 

Тој се задржа и на адаптивните краткорочни и долгорочни мерки кои треба да се применат за справување со климатските промени.

Од краткорочните ги наведе адаптивни мерки кои се многу практични во лозарството, може да се применат веднаш и се работи, пред се, за  одредени агротехнички мерки... Меѓу долгорочните мерки се изборот на локацијата, соодветна подлога и сорта од виновата лоза.

Белески рече дека лозарите се повеќе се свесни за климатските промени и веќе почнуваат да применуваат дел од овие мерки. Толму оваа трибина, додаде, е да се подигне уште повеќе свеста за влијанието на климатските промени и начинот за справување со нив.

Претседателката на Федерацијата на фармери, која сега е ребрендирана во Национална Федерација на фармери, Васе Мојсовска, соопшти дека ова здружение постои  15 години, ги опфаќа сите сектори во земјоделството и има околу 3000 членови.

- Од 2017 година се проширува опсегот на работење, претходно беа само земјоделци, сега се опфатени и руралните средини што не се занимаваат со земјоделство, како и жените фармери, нивно потенцирање за поголемо експонирање. Акцентот сега повеќе ќе падне на работењето на младите фармери и целта ни е да ги задржиме во нашите села, бидејќи во селата се повеќе ни се намалува бројот. Во  иднина ќе работиме во таа насока, рече Мојсовска во изјава за медиумите.

Во однос на проблемите и штетите од климатските промени во изминатите години подвлече дека земјоделците мора да се заштитат од климатските промени со цел да произведуваат поквалитетно грозје. Овие трибини, според неа, се во насока за меѓусебна помош на државните институции, невладиниот сектор, научните институции.

Началникот на Подрачната единица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Сашко Минов им појасни на земјоделците кои се новите измени и програми за поддршка на растителното производство, лозарството и најави повеќе вакви информативни собири.

Настанот беше организиран во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството и Институтот за земјоделство, и во рамки на манифестацијата „Недела на виното” која традиционално се организира во чест на верскиот празник св. Трифун - заштитник на лозарите и винарите.