Свет
30. August 2016 - 21:48

Три номинации за наградата ,,Вацлав Хавел"

Номинирани за Меѓународната награда што го носи името на поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел годинава се Надја Мурад од Ирак, српската новинарка и активистка Гордана Игриќ и Меѓународниот институт за човекови права на Франција.
 
Имињата на кандидатите за 4. по ред Награда за одбрана на човекови права, која ќе се додели во Стразбур на 10 Октомври, денеска ги соопштија организаторите, јави дописникот на МИА од Прага.  
Според зборовите на Педро Аграмунт, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Надја Мурад е храбра жена од племето Јазиди која го преживеала масакрот на целото нејзино семејство и била сексуална робинка на членовите на џихадистичката група Исламска држава - ИСИС.
Мурад, која сега живее во егзил, за нејзиниот кошмар проговори минатата година на Советот за безбедност на ОН со барање за заштита на Јазидите и стопирање на нивниот геноцид. 
Српската новинарка Игриќ е основач на Балканската истражувачка мрежа (БИРН) и  добитник на повеќе награди за новинарство. 
Меѓународниот институт за човекови права е француска асоцијација со седиште во Стразбур, кој има околу 300 членови во целиот свет, вклучувајќи универзитети, научници и активисти во областа на човековите права. 
Наградата за човекови права ,,Вацлав Хавел" ја доделува Советот на Европа во соработка со библиотеката која го носи името на поранешниот чешки претседател и дисидент и чешкото Здружение Повелба 77. 
Библиотека ,,Вацлав Хавел", секоја година традиционално во чест на Хавел организира Меѓународна конференција, со цел пошироката јавност да ја запознае со неговиот придонес во унапредувањето на човековите права. 
Годинава, таа ќе се одржи на 12 октомври во главниот град на Чешка.