Балкан
11. October 2015 - 19:10

Три дена жалост во Турција

Знамињата на половина копје во Турција, се погребуваат првите жртви од вчерашниот терористички напад во Анкара. Билансот на жртвите  постојано расте. Надлежните  доцна синоќа соопштија дека најмалку 95 лица загинаа во двете експлозии, над 240 се ранети а околу 50 од нив се во критична состојба.

Полициската истрага потврди  дека атенаторите се две лица од кои едното е жена. По вчерашните експлозии само две тела биле буквално расфрлани. Нивните органи се однесени во болница а идентитетот сеуште не е откриен. Според очевидци жена влегла во тоалет во централната станица, по што излегла наредена со бомби и со брзи чекори се упатила кон протестантите.

Илјадници граѓани излегоа да протестираат на местото на злочинот и да положат цвеќе за загинатите  а најголем дел од нив го обвинуваат претседателот Ердоган и Владата за немилиот настан. Протести има и во други градови низ Турција. Тамошните медиуми јавуваат дека имало и нереди, поради што полицијата морала да употреби солзавец, и да ја растури толпата.

Турскиот премиер вчера изјави дека постојат силни знаци дека  нападот го извршиле двајца бомбаши самоубијци а за нападот ги осомничи курдските бунтовници и екстремистите на ИСИС.

Досега ниту една терористичка организација не ја превзеде одговорноста за нападите. Додека Турција добива изрази на сочувство од светските лидери се огласи Исламската држава која го поздрави нападот.

Неименуван извор изјавил дека вчерашните експлозии се слични со самоубиствениот бомбашки напад кој се случи во јули во турскиот град Сурук за кој беа обвинети џихадистите од Исламска држава.