Македонија
13. November 2015 - 17:21

„Три дена во септември“ за старт на Синедејс

Преполна киносала и големи очекувања. Македонската публика ја погледна првата проекција на  „Три дена во септември“, дебитански долгометражен филм на режисерот Даријан Пејовски. Современ психолошки трилер кој ги разработува последиците од семејно насилство, филм за кој се бараат карти повеќе. Главните улоги ги играат Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, а сценариото го напишаа Игор Иванов-Изи и режисерот Пејовски.

-Се надевам дека ќе биде добро прифатен, се спремаше во рекордно кратко време, мислам дека ова е најнискобуџетниот филм, снимен за најбрзо време и завршен за најбрзо време досега во Македонија. Сценариото го спремавме долго време, го прочистувавме, работевме на него се посветивме и дојде прилика да го снимиме, така да се помина во најдобар ред, рече режисерот Пејовски.

Со премиерата на „Три дена во септември“ вчеравечер официјално започна 14-тото издание Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Во следните десетина дена на повеќе локации фестивалот ќе понуди богата филмска и музичка програма за сите генерации.

-Синедејс го наследивме со 47 продадени билети во 2010-тата, оттогаш наваму во просек имаме по околу 25 илјади продадени влезници. Не мислам дека оваа година ќе отскокнеме од тој фин просек, рече Златко Стевковски, директор на МКЦ. 

Во рамки на Синедејс годинава ќе се прикажат повеќе од стотина филмови, а познати светски сценаристи и професори ќе се одржат предавања за филмската уметност и развој на сценарија. Најдобрите филмови во официјалната и СинеБалкан конкуреција ќе бидат наградени со 5.000 евра.