Македонија
13. November 2015 - 14:25

„Три дена во септември“ го отвори 14. „Синедејс“

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ вчеравечер беше отворен со македонска премиера на „Три дена во септември“ - дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски кој заедно со Игор Иванов е и косценарист на филмот.

Снимен е минатата година и е копродукција меѓу Македонија (Скопје филм студио) и Косово (Иконе студио). Селекторот Бернд Будер го избра за официјалната програма на „Синидејс“ кој првпат во 14-те години постоење беше отворен со македонски филм.

Се работи за современ, психолошки трилер базиран на два сосема различни женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Двете се  заробени во еден простор и единствен начин да излезат од таму е да си помогнат една на друга. 

Режисерот Пејовски е задоволен од позитивните реакции по премиерата. На прес-конференција денеска рече дека домашната премиера е најважна зашто и очекувањата од домашната публика се најголеми.  Филмот е камерен и тежиштето е на карактерите, двата женски лика кои ги изградија Тоциновски и Ристиќ.

- Актерките се бореа за своите ликови. Нивниот талент и занает придонесе за целиот амбиент, сценариото на филмот падна на нивниот грб и успеаја да го износат. Убаво е да се направи филм од женска перспектива, посебно на Балканот кој е прилично патријархална, мачо-средина, рече Пејовски.

 

Додаде дека сакал да направи филм со универзална тема кон која се почесто пристапуваат и автори од негова генерација од овој регион.

- Тие ги забораваат темите со војни од Балканот, време е да се надмине тоа, рече младиот режисер (1983) кој има потпишано неколку кратки филма.

Според продуцентот Томи Салковски, „Три дена во септември“ е освежување во кинематографијата. Од струката и критиката по фестивалите, рече тој, филмот  е препознаен како нов бран од овие простори. - Веќе се заситени од војна, страдање, транзиција, депресија во балканската кинематографија. Намерата и ни беше да покажеме нешто ново, рече Салковски. 

Филмот е нискобуџетен и снимен со околу 250.000 евра, од кои скоро 200.000 евра се од Агенцијата за филм (максимален износ за дебитантски филм) и 49.000 од Косовскиот филмски центар. 

- Поради лимитираниот буџет работевме брзо, во супстандардни услови и без многу време за корекции. Но и покрај буџетските рестрикции, имавме фантастична соработка, ентузијазам и позитивна енергија, рече Салковски.

Смета дека филмот ќе има богат фестивалски живот зашто имало интерес на маркетот во Кан во мај, а од светската премиера (2 септември 2015 на фестивалот во Монтреал) досега е избран во неколку официјални селекции. Беше прикажан на фестивалите во Чикаго и Котбус, а следуваат Братислава и Едрене. 

Покрај Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, во актерската екипа се и Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е на Александар Пејовски. Филмот се снимаше 20 дена лани во септември, на локации на Преспанското Езеро, паркот Јасен и во Скопје.