Македонија
17. August 2017 - 14:37

Трет камп за млади Ромки - Буверо во организација на НРЦ Куманово

Двананесет млади девојки, средношколки и студентки од Македонија, Бугарија и Србија учествуваат на третиот по ред ромски медиумски тренинг програм „Буверо“ што започна денеска и наредните девет дена ќе се одржува во општина Старо Нагоричане, во организација на Националниот Ромски Центар Куманово. Младите Ромки ќе се обучуваат за продукција на аудио-визулени материјали, креирање мрежи за комуникација и интеренет поврзување на младите од регионот.

Професионални предавачи ги обучуваат младите како да креираат новинарска приказна со фотографии и видео материјал, како да ја применат дигиталната технологија како алатка за обезбедување заштита на човековите права. Ова е прва тренинг програма на која учествуваат и девојки од други држави, по претходните две на кои учествуваа исклучиво млади Ромки од Македонија, кои имаа можност да ја зајакнат самодовребата и да работат на развој на личните капцитети кои им користат за професионално усовршување.

- Учеството на младите девојки и конкретно на ова група ми дава надеж дека има квалитетни млади кадри на кои треба да им се даде можност да се развијат и унапредат. Се надевам дека наредната година кампот ќе успееме да го подигнеме на уште повисоко ниво и ќе го организираме надвор од државата. И годинава, како и претходните ќе учествуваме на неколку фестивали со продукциите на учесничките во Холандија и Германија. Единствени сме во регионот, кои на младите девојки им даваат можност самите да ја креираат својата судбина, да се борат за своите права како жени, припаднички на ромската заедница, а потоа и самите да придонесат за развој на заедницата од каде поттекнуваат, изјави Ашмет Елезовски од Националниот Ромски Центар.

Проектот е финансиран од програмата „Европа за граѓаните“ и се спроведува во партнерство со фондацијата „Ромедиа“.

- Ова е петта година по ред како се одржува кампот, со тоа што, првите две години беа организирани во Унгарија, а последниве три во Македонија. Кампот го започнуваме со историја и ромскиот идентитет и од нивните приказни прават новинарски жанрови со фотографии и видео материјал, изјави Славица Ќурчинска, организатор и предавач на кампот „Буверо“.

Учесничките се задоволни од учеството на кампот, размената на искуствата и информациите и сметаат дека стекнатите знаења ќе ги пренесат во локалните заедници, но и дека ќе работат на промоција на правата на жените Ромки во средните од каде што потекнуваат. Најголем процент од претходните учеснички на кампот, веќе се активни во граѓанскиот сектор и медиумите, објаснија организаторите.

Финалните производи на учесничките на кампот ќе бидат презентирани пред пошироката јавност по завршување на кампот.