Свет
12. November 2016 - 9:31

Трет ден протести во САД против изборот на Трамп за претседател на државата

Протести во САД против изборот на Доналд Трамп за претседател  се одржуваат веќе трет ден.

Илјадници демонстрации беа одржани синоќа во неколку големи градови. Протестите имаа главно мирен карактер.

Во Њујорк, околу 1.200 луѓе се собраа на плоштадот „Вашингтон Сквер" во центарот на Менхетен. Тие извикуваа слогани против Трамп и истакнаа транспаренти со крајно неделични слики на идниот претседател на САД.

Една од учесниците во протестот, 65-годишната Лесли Холмс, се се огласи против тврдите ставови кон муслиманите и илегалните имигранти. „Не сакам да живеам во земја во која нема место за моите пријатели", објасни жената која е ветеран од движењето против војната во Виетнам.

Демонстранти се собраа и пред облакодер Трамп Тауер, седиштето на бизнис империјата на милијардерот.

Во Мајами, Флорида, и Атланта, Џорџија, стотици луѓе ги блокираа патишта, предизвикувајќи метеж и незадоволството кај возачите.

Во Нешвил, Тенеси, студентите одржаа „марш на мирот".

- Првпат земјата има лидер, од кого се плашам, рече 27-годишната Ешли Нејгил која се вклучи во протестот, на кој учествуваа неколку стотици луѓе во Денвер, Колорадо.

Демонстрации против изборот на Трамп за претседател на САД имаше и во Вашингтон, Лос Анџелес, Лас Вегас, Портланд, Минеаполис и други американски градови.

Самиот Трамп, прво ги осуди учесниците во протестите против него, но само неколку часа подоцна ги пофали.

„Ми се допаѓа фактот што мали групи демонстранти минатата ноќ покажаа страст во името на нашата голема земја. Сите ќе се обединиме и ќе бидеме горди!", напиша Трамп на Твитер рано утринава.

Само неколку часа претходно, на истата социјална мрежа , тој ги осуди протестирачите како „професионални демонстранти, поттикнати од медиуми".

Жени, вознемирени дека Трамп може да ги лиши од многу права, планираат голем марш во Вашингтон на 21 јануари - ден откако тој положи заклетва како претседател на САД.