Македонија
23. March 2017 - 8:40

Трет ден координација за собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата

Во 11 часот денеска треба да продолжи координативната средба на претставниците на парламентарните групи за утврдување на предлогот за составот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

На координацијата се уште не е постигнат договор за претседател на Комисијата. Утврден е само бројот на членовите со кои парламентарните групи  ќе бидат застапени во неа. 

Согласно договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден чен.

Координативната средба почна завчера. На вчерашното продолжение беше одлучено да се одложи за денеска. Претставниците на парламентарните групи остнаа на истите ставови поради што се уште не е постигнат напредок во разговорите за претседател на Комисијата.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивна седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник. Комисијата брои 12 членови и претседател.