Македонија
12. August 2017 - 17:21

Трескавец под 24 часовен надзор, огнот се шири кон Горно село

Огнените јазици кои веќе два дена, на периоди сериозно му се закануваат на балканското светилиште - Манастирот “Трескавец”, денеска се ставени под контрола, но, екстремно високите температури, ветрот и огромното зажарено пространство, и понатаму претставуваат потенцијална опасност за разгорување на жариштата. Од тие причини, опожарениот простор  има 24-часовна контрола од екипи составени од професионалци и доброволци кои од првиот момент се вклучени во гаснењето на пожарите.
 
Монахот Калист кој живее и се грижи за Манастирот “Трескавец”, потврдува дека без помошта на сите доброволци кои, исто како и пред 4 години, така и овој пат веднаш се одѕваа на апелите за спас на Манастирот, огнената стихија сигурно ќе го земеше својот данок.
 
Според информациите од ОКШ, денеска, во околината на Прилеп, се уште се активни и  другите три пожари кои беснеат со денови, а се наоѓаат во атарите на селата: Крушејца, Бонче и Забрчани.